Службени лица од позиција на моќ не постапувале и овозможиле да биде изгласан спорен Детален урбанистички план кој не е во согасност со Генералниот урбанистички план.
Ова е утврдено и запишано во извештајот на антикорупционерите кои реагираат експресно – со Иницијатива до органите на прогонот.
Бараат од Јавното обвинителство да покрене истрага и постапка за кривично гонење на повеќе лица меѓу кои и двајца поранешни градоначалници на Центар.
„Иницијативата се однесува на следните лица: на градоначалникот на Општина Центар од 2009 до 2013 година, на градоначалникот од 2013 до 2017 година, на раководителот на Секторот за урбанизам во Општина Центар во периодот од 2012 година, на раководителот на Секторот за уредување на просторот во Министерството за транспорт и врски во истиот период, помошникот раководител на Секторот за планирање и уредување на просторот на Град Скопје во истиот период, како и на двајцата планери и на овластеното лице на правното лице „Билд ДООЕЛ Скопје“ којашто всушност фирмата којашто го изработувала планот“ – Билјана Ивановска – Претседател на ДКСК.
Претседателката на Комисијата која реферираше за извештајот кажа дека планерите иако знаеле дека Деталниот урбанистички план како план од пониско ниво мора да биде усогласен со Генералниот, сепак предвиделе поголема густина на населеност – спротивно на тоа што било предвидено во ГУП-от од 2002 година кој тогаш бил во важност.
Општинската Комисија за урбанизам во Центар дала забелешка да се преиспитаат габаритите и височините на објектите – но, и покрај тоа планерите не ја прифатиле забелешката.
„Со овие дејствија службените лица овозможиле Предлог-ДУП неусогласен со Генералниот урбанистички план и како таков спротивен на Законот за просторно и урбанистичко планирање, да дојде до завршната фаза на негово донесување и да биде донесен од Советот на Општина Центар на 21 декември, 2012 година“ – Билјана Ивановска – Претседател на ДКСК.
Во меѓувреме додека институциите се занимаваат со пропустите околу парцелата кај хотелот „Холидеј Ин“ жителите на населбата Ново Маало започнале правни консултации со адвокати.
Тврдат дека ќе ги искористат сите правни механизми доколку Општина Центар одлучи да го суспендира ДУП-от со што би се спречила изградбата на комплексот.
Петар Догов