Вести Македонија Топ вести

Скопје во ѓубре – граѓаните бараат итно решение

Полни контејнери, а околу нив расфрлан отпад, непријатна миризба, муви и оси. Таква е сликата што неколку недели ги револтира скопјани. На некои места денеска контејнерите беа исчистени, но ѓубрето што беше фрлено надвор од нив остана. Жителите велат дека ова е секојдневие и бараат итна реакција од надлежните, затоа што стравуваат од зарази. Сметаат дека треба да има и поголема свест кај самите граѓани да не го оставаат отпадот надвор од контејнерите.

„Катастрофа е. Можете да видите по контејнерите. Вчера имаше купишта ѓубре овде. Вака не било никогаш претходно. Ова е страшно. Може да се заразиме. Кучињата и мачките го влечат ѓубрето. Порано ги празнеа контејнерите, а последните две до три недели не“, вели жителка.

„До вчера имаше многу ѓубре, а денеска го исчистија, но треба малку и свеста на луѓето да се зголеми наместо во контејнер или канта тие фрлаат доле до нив“, додава друга жителка.

Од ЈП „Комунална хигиена“  велат дека редовно го собираат отпадот, но не можат да постигнат затоа што во последниот период има зголемени количини на комунален, кабаст и градежен отпад.

„Отпадот од кантите во индивидуалните домувања се собира два пати во текот на неделата, а контејнерите наменети за одлагање комунален отпад поставени на јавни површини се празнат еднаш во текот на денот. Во последниот период, ЈП „Комунална хигиена“ Скопје се соочува со енормно зголемени количини на одложен комунален, кабаст и градежен отпад, како во контејнерите, така и во нивната непосредна околина, односно на јавни и на сообраќајни површини. Од овие причини може да се случи на одредени локации да има доцнење при собирањето и транспортот на отпадот“, соопштија од ЈП „Комунална хигиена“.

Пред една недела на прес-конференција излезе СУТКОЗ, синдикатот кој ги претставува комуналните претпријатија и сподели дека тие тонат во долгови, имаат недостиг на кадар и опрема, а проблем се и ниските и нередовни плати, па поради тоа голем дел од вработените изминатите две години си дале отказ.

Тамара Марковска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Гори Канада – над 800 активни пожари, најголем дел се надвор од контрола

Sasko Dimovski

Кос со осуда на изјавата на српската министерка Пауновиќ дека етнички би го исчистила Косово во 1998 година да била на местото на Милошевиќ

Sasko Dimovski

(Видео) Улици претворени во реки – силно невреме вечерва ја зафати Битола

Sasko Dimovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе