Денеска во салата „Билјанини Извори“ во Охрид, во организација на Ракометната федерација на Македонија, започна „Ракометниот караван 2025“, проект чија цел е афирмација и популаризација на ракометот меѓу најмладите.
Повеќе од 300 деца имаа ретка можност да се дружат и тренираат со ракометни легенди како Индира Кастратовиќ, Елена Георгиевска и Филип Миркуловски, од кои ги научија првите чекори во овој спорт. Актуелните репрезентативки на Македонија, по освојувањето на „Трофеј Македонија“, исто така беа дел од настанот и несебично делеа совети и автограми.
„Ракометниот караван“ претставува нов проект на РФМ кој ќе патува низ сите градови во земјава. Посебен акцент ќе биде ставен на општините каде што нема ракометни тренери, со цел формирање на училишни школи и нови клубови. Намерата е преку ваквите активности што повеќе деца да го засакаат и започнат да тренираат ракомет.
ФОТО: Ракометна федерација на Македонија

















