Просечните концентрации на PM₁₀ честички во Трубарево се во рамки на дозволените граници, покажува Извештајот од индикативни мерења на квалитетот на воздухот на Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП).
Идикативни мерења на суспендирани цврсти честички со големина до 10 микрометри (PM₁₀) на мерното место во зоната на Трубарево, како што информираат од МЖСПП, се спроведени во периодот од 17 септември (9:30 часот) до 18 септември (9:30 часот).
Од Министерството велат дека мерењата се извршени со автоматскиот систем AMBICON RTM–PM, нефлометар кој овозможува во реално време следење на концентрациите на честички во воздухот, со селекција на фракцијата PM₁₀. За мониторинг беше користен инструмент ES-642, METONE, USA, сертифициран за индикативни мерења согласно MCERTS, UK.

Според резултатите од мерењата, просечна концентрација е 10.9 µg/m³, максимална измерена вредност 25.6 µg/m³, а моментална вредност – 16.5 µg/m³.
„Според добиените резултати, просечните концентрации на PM₁₀ честички се во рамките на дозволените граници и не е евидентирано надминување на граничните вредности. Концентрациите се движат во рамките на 24-часовната гранична вредност за заштита на здравјето на луѓето, согласно Уредбата за гранични вредности за загадувачки супстанции во амбиентниот воздух („Службен весник на РМ“, бр. 183/17)“, се наведува во соопштението од Министерството.
