Основниот кривичен суд Скопје изрече двегодишна затворска казна за поранешната директорка на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност Лидија Димова која се товареше за кривичното дело „злоупотреба на службена положба и овластување“. Димова треба да плати и судски паушал од 10.000 денари и да ги покрие судските трошоци, како и во рок
од шест месеци треба да ја надомести и штетата од 22,7 милиони денари на Националната агенција.
Судијката Фанка Јанчулева Михаиловска ги ослободи Димова за делото „Измама“, како и третообвинетата Ана Павлиду за „несовесно работење во службата“.
Димова со нестручно и несовесно постапување овозможила противправна имотна корист на трети лица со што е направена штета од 2,818 илјади денари на Европските фондови.
„Во делот на измама на штета на европски фондови не е опишан начинот на кој е извршено делото и не е јасно наведено на кој начин, дали и како биле искористени лажните податоци. Без вакви елементи недостига основ на делото измама и судот беше спречен објективно да оцени дали обвинетата пропуштила и дала невистините податоци и со тоа предизвикала штета на фондови на ЕУ. Судот во тој дел беше должен да донесе ослободителна пресуда“, рече судијката.
Застапник на обвинението е обвинителката Сузана Мирческа Кузмановска. Обвинението против Димова е поднесено во јуни 2022 година.
Според Обвинителството, Димова во периодот од 2018 до 2020 година, како одговорно лице, директор на Национална агенција за европски образовни програми и мобилност, со намера за друг да прибави значителна имотна корист, ја злоупотребила својата службена положба и овластување и постапила спротивно на одредбите од Законот за јавни набавки, Законот за основање на Национална агенција за европски образовни програми и мобилност. Непочитувајќи ги начелата на законитост, еднаквост и јавност, без да објави јавен конкурс, не постапила совесно, стручно и непристрасно и ги дискриминирала потенцијалните кандидати, овозможувајќи повластување на повеќе надворешни лица со кои склучила поединечни договори и ги ангажирала како соработници, експерти, обучувачи и др.
