Вести Македонија Најважни

Багерите затрупуваат, депонијата чади – трет ден пожар во Дрисла

Дополнителна тешка механизација од утрово е вклучена во гаснењето односно задушувањето на пожарот во депонијата Дрисла но и понатаму силен чад се издига на просторот каде што тлее токсичен отпад. Дали пожарот е подметнат и кој го сторил тоа надлежните немаат одговор исто како на прашањето колку е токсичен и опасен белиот чад од Дрисла кој утрово зави дел од градот.

Од вчера во Дрисла се испратени багери кои со земја го затрупуваат делот под кој тлее токсичен отпад и ослободува силен чад но засега од надлежните нема најави за очекувањата кога чадот ќе биде задушен. Денес пак во депонијата е донесена дополнителна механизација и има најава дека утре ќе се зголеми бројот на багери кои ќе работат на затрупување. Проблем е и пристапот кон локацијата поради огромната количина на токсична вода во непосредна близина па затоа се пробиваат две алтернативни рути.

Во Дрисла денес покрај пожарникарите, тимовите на ДЗС и вработените, присутни беа и припадниците на крим полицијата кои повторно проверуваат дали некој вчера се обидел повторно да подметне пожар во депонијата. Од она што може да се види на терен, депонијата не е оградена, не е обезбедена, нема физичко патролно обезбедување ниту пак видео надзор а станува збор за површина од над 80 хектари. Според инфромациите на „Телма“ околу  депонијата ќе се распоред полициски сили а во воздухот ќе оперира дрон.

Од надлежното министерство за животна средина нема информација за количината на токсични материи кои се испуштени во воздухот, а утрово биле подигнати примероци на земја за да се види дали и колку токсични супстанци продреле во почвата поради лошото складирање на отпадот и поради обидот пожарот да се гаси со вода што е спротивно на протоколите во случај на хаварија и со тоа кој е ризикот од ширење преку подземните води до околните населени места.

Ангелов соопшти дека на дивата депонија Вардариште целосно е затрупан делот по кој гореше отпад и дека нема повеќе чад, кој со денови ги труеше жителите на главниот град.

Огнен Чанчаревиќ

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Повеќе населени места во Скопје останаа без вода откако пукнала голема цевка кај поранешната фабрика ОХИС

Tea Dimkovska

Папата Лав XIV: Војната носи смрт, дипломатијата е единствен пат до мирот

Tea Dimkovska

Младенците Мартина и Александар ја крунисаа љубовта на овогодинешната Галичка свадба

Tea Dimkovska

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе