Уоли Фистер, американски режисер и кинематографер , добитник на Оскар во 2010 година за филмот „ Почеток “ во режија на Кристофер Нолан, на претстојниот 46. ИФФК „ Браќа Манаки“, ќе ја прими наградата Златна камера 300, за специјален придонес во филмската уметност. Тој ќе дојде во Битола и ќе одржи мастер- клас. Лауреат на наградата за животно дело е иранско – францускиот кинематографер Дариус Конџи, добитник на БАФТА и на три награди Цезар. Тој во Битола ќе одржи работилница. Во градот на конзулите ќе престојува и Семих Капланоглу, сценарист, режисер и продуцент од Турција, добитник на „ Златна мечка “ во Берлин, за филмот „ Мед“. Остварувања од тројцата лауреати ќе бидат прикажани на фестивалот, кажа директорот на фестивалот.
- Верувам дека со нивното присуство во Битола , фестивалот добива една нели поинаква димензија , поквалитетна и на духовно и на професионално издигнување и ниво, рече Димитрија Доксевски, директор на ИФФК „ Браќа Манаки“.
Годинашното издание на „ Браќа Манаки“ донесува 70- тина филмови, распоредени во повеќе програми. Главната , што вклучува 40 остварувања ќе започне со најновиот филм на Теона Митевска „ Мајка“, кој воедно ќе го отвори фестивалот. А, на затворањето ќе биде прикажано долгометражното, наградувано деби „ Диџеј Ахмет“, на сценаристот и режисер Георги Унковски. Во програмата краткометражни филмови ќе бидат прикажани 14 остварувања од целиот свет. Меѓу нив се и два филма со македонски удел.
- Тоа е филмот „ Нова енергија“ на режисерите Сара Климоска , која што ја знаеме како актерско име и Радован Петровиќ. Камерата ја потпишува драгата пријателка на фестивалот Браќа Манаки, Бојана Андриќ од соседна Србија. И дополнително, меѓу тие 14 наслови имаме и наша копродукција . Тоа е филмот „ Лојалност“, кажа Марија Апчевска, селекторка на краткометражната програма.
Според селекторката Кумјана Новакова, во документарната програма ќе бидат прикажани 8 остварувања. A, во студентската програма ќе бидат прикажани 16 филмови.
Фестивалот ќе трае од 20 до 26 септември, со учество на 150 гости од странство, меѓу кои и нашиот режисер кој живее и работи во Прага, Иво Трајков. Наградата Голема ѕвезда на македонскиот филм ќе ја понесе композиторот Кирил Џајковски.
Сотир Трајков
