Под слоганот „Од сон до реалност, за вечност“, денеска со бројни свечени активности организирани од Владата, се одбележува 34-годишнината од прогласувањето на независноста на Република Северна Македонија.
„8 Септември не е само датум – тоа е аманет од предците и завет кон иднината. Тоа е обврска на сите нас да оставиме иднина за нашите деца“, истакна Мицкоски.
Меѓу другите активности, одбележувањето започна уште синоќа со почесна артилериска стрелба во касарната „Илинден“, а во петокот во Собранието беше доделена наградата за животно дело „Септември“ на македонскиот одбојкар и универзитетски професор Јошко Миленковски.
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, во своето обраќање по повод празникот, ја нагласи потребата од суштинска сплотеност и повика на единство и визија за заедничка иднина.
„Независноста не е подарок – тоа е завет од минатото, обврска за сегашноста и патоказ за иднината. Време е да изградиме држава каде што разликите не нè разделуваат, туку нè зближуваат“, рече Гаши.
Собраниска делегација предводена од потпретседателот Антонијо Милошоски положи цвеќе на вечните почивалишта на претседателите Киро Глигоров и Борис Трајковски, како и на првиот премиер Никола Кљусев.
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во својата честитка, потсети дека и по 34 години, државата продолжува да се соочува со предизвици и отстапки кои, според неа, не се усогласени со референдумската одлука од 1991 година.
„Во свет заснован на сила, а не на право, борбата за суверена и европска држава сè уште трае. Мораме да продолжиме со правна и демократска битка за нашите национални интереси“, истакна Сиљановска-Давкова.
Министерот за одбрана Владо Мисајловски подвлече дека македонската Армија е симбол на стабилноста и гарантор на безбедноста на државата.
„Армијата е модерен, професионален сегмент на НАТО. Независноста не е само збор – таа е секојдневна одговорност“, порача Мисајловски.
Лидерот на опозицијата, Венко Филипче, упати порака за политичко и државничко освестување, со повик да се обединиме во борбата за фер институции, еднакви шанси и европска иднина.
„Ако во 1991 се изборивме за независност, денес мораме да се избориме за иднина. Нашата следна цел е членството во ЕУ, како единствен пат кон стабилност, правда и економски развој“, истакна Филипче.
Министерот за јавна администрација Горан Минчев порача дека независноста има смисла само тогаш кога граѓаните ја чувствуваат државата како своја.
„Да се биде независен значи да се гради функционална држава, со силни институции и јавна администрација што им служи на граѓаните“, рече Минчев.
На 8 септември 1991 година, повеќе од 95% од граѓаните на референдумот гласаа за самостојна и суверена држава. Претходно, на 25 јануари 1991 беше усвоена Декларацијата за независност, а два дена подоцна Киро Глигоров беше избран за прв претседател.
Патот до целосна државност беше исполнет со предизвици – економска криза, конфликтот од 2001 година, спорот со Грција, а подоцна и блокадата од Бугарија. По Договорот од Преспа во 2018 година, државата стана 30-та членка на НАТО во 2020, а пристапните преговори со ЕУ сè уште се блокирани.
8 Септември останува симбол на државноста, независноста и стремежот кон подобра иднина – иднина која, како што порачаа лидерите, бара единство, визија и посветена работа од сите.
