Две години казна затвор доби Сулејман Љамалари познат и како командант Барути за физички напад на скопската градоначалничка Данела Арсовска. Настанот се случи на 11-ти јули во населбата Чаир кога Арсовска беше на терен по пријава на граѓани за дивоградба и нелегален приклучок на водоводна и електирчна мрежа. Во казната на Љамалари му се пресметува и времето поминато во притвор.
„По однос на мерката притвор, судот одлучи дека истата да се продолжи до правосилност на пресудата, односно до започнување со издржување на казната затвор, но не подолго од 60 – шеесет дена“, велат од Кривичен суд Скопје.
Одбраната на Љамалари вели дека ќе ја обжали пресудата и ќе поднесе жалба на решението за притвор. Смета дека судот нема докази и дека тој треба да добие ослободителна пресуда.
„Ако судот сакаше да донесе соломонско решение со примена на начелото in dubio pro reo, во случај на сомневање, поблаго за сторителот, можеше да му изрече условна осуда согласно законот за пробација и пробациската служба на судот.. И така и волкот сит и овците на број“, вели Иванка Јакимовска адвокатка на Сулејман Љамалари.
Ваквата одлука на судот за Арсовска е системска победа за жртвите на насилство, за секоја жена и мајка,за напад кој претставувал и атак врз институцијата градоначалник.
„Насилникот не покажа ни трошка каење за стореното, со својот однос континуирано се исмеваше со судот и јавноста. Дури се обиде жртвата да ја претстави како напаѓач, а себеси иако е насилник да се претстави дека бил тепан од жена“, вели Данела Арсовска градоначалничка на град Скопје.
Љамалари на претходното рочиште тврдеше дека не бил напаѓач туку жртва и сведочеше дека Арсовска го удрила по ногата, иако обвинителството го гонеше за извршување на грубо насилство. Според обвинителството, освен вербално тој и физички ја нападнал Арсовска со удар по лицето и по ногата.
Симона Петровска
