Спортската сала „Јордан Мијалков“ денеска има катанец, но овде од наредната недела здравствените работници ќе се спремаат за масовната имунизација на населението од источниот регион. Директорката на Здравствениот Дом, Снежана Трајковска вели дека според првичните проекции во салата ќе има над 20 вакцинални пунктови, а во неа дневно се очекува да се имунизираат од 1.000 до 2.000 граѓани
Организацијата е по примерот во скопската сала „Борис Трајковски“, вклучени ќе бидат здравствените работници од вакциналните пунктови, болницата, Центарот за јавно здравје, а помош ќе имаат и од студентите на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“, како и од волонтерите на Црвен Крст. На граѓаните кои се пријавиле на електронската апликација на министерството за здравство веќе им пристигнуваат и пораки дали остануваат на ставот за вакцинација и на кој пункт би се вакцинирале.Досега во Штип се вакцинирани над 350 граѓани со вакцината Астра Зенека.
Засега е познато дека покрај Штип, масовна имунизација ќе има во вакви објекти и во Куманово, Битола, Тетово, Охрид и Кавадарци.Во штипскиот ковид центар на болнички третман се 89 пациенти, тројца од Пробиштип, Свети Николе и Радовиш ја загубија битката со корона вирусот.
Викторија Јованова