Министерот Алиу додека чека на формирање на комисијата со странски експерти, формираше и домашна комисија за сите кардиолошки и кардиохируршки интервенции кај пациенти во приватните болници. Задача ќе им биде да соберат, обработат и анализираат податоци од болниците кои вршат операции на срце.
Ќе работат доктори, правници и експерти од Клиниките за Кардиохирургија, кардиологија, торакална и васкуларна хирургија, доктори од двете приватни болници во Скопје и претставници на фондот и министерството за здравство.
енеска седнаа на маса, но кога ќе има ефекти е непознато.
Очекувам комисијата да испорача резултати, кои се објективни и произлегуваат од максимално професионално и независно спроведен процес. Резултатите од работата ќе бидат важни од аспект на реално утврдување на состојбите и поставување цврста основа за унапредување на менаџирањето во здравството, рече министерот алиу.
Се наметнува прашањето дали податоците собрани од домашните експерти ќе бидат целосно транспарентни и објективни, бидејќи токму Алиу во своето првично обраќање рече дека сака да ангажира странски експерти за таа комисија да биде независна, да има неспорна објективност за да се утврди вистинската слика.
Сега, странските експерти ќе работат на база на информациите што ќе им ги понуди домашната комисија..
Ангажманот на странските експерти ќе биде спроведен законски и преку институционален механизам, кој ќе биде целосно транспарентен. Деталите ќе бидат соопштени кога постапката формално ќе заврши и очекуваме веднаш по комплетирањето на комисијата и формалните постапки тие да почнат со работа, велат од министерството.
Министерот Алиу вели дека очекува двете комисии да испорачаат објективни резултати. Кардиологот Сашко Кедев претходно обвини дека приватни болници правеле непотребни операции на срце, ставале стентови, отворале гради, само за профит, што отвори прашања дали се правело криминал на сметка на здравјето на пациентите.
Симона Петровска
