На последниот сезонски тениски грен слем турнир Ју-Ес Опен, Карлос Алкараз без проблеми ја мина првата рунда. Синоќа немаше поголеми изненадувања во машка конкуренција, а кај тенисерките елиминација доживеа една од топ фаворитките.
Алкараз го победи Рајло Опелка во три сета со 6-4, 7-5 и 6-4. Во второто коло шпанскиот тенисер ќе се соочи со Матија Белучи од Италија.
Каспер Руд исто така во три сета беше подобар од Себастијан Офнер, а победа без загубен сет оствари и Холгер Руне противи Ботик ван де Зандшулп. Во второто коло се пласираа и руските тенисери Андреј Рубљов и Каран Хачанов, а од фаворитите проблем немаше ниту Франсес Тиафо, кој триумфираше против Јошихито Нишиока. Место во следната рунда обезбедија и Жоао Фонсека, како и Британците Џек Дрејпер и Камерон Нори.
Кај тенисерките, грен слемот заврши за шестата носителка Медисон Кијс. Една од најголемите домашни фаворитки и освојувачка на Австралија опен сезонава, загуби од Рената Зарауза во три сета со 6-7, 7-6 и 7-5. Петтата фаворитка Мира Андреева ја декласираше Алисија Паркс со 6-0 и 6-1, а Елена Рибакина ја победи Џулиета Пареја исто така во два сета.
Турнирот заврши за Елина Свитолина, која загуби од Ана Бондар, а победија Дарија Касаткина, Елис Мертенс, Марија Сакари, како и Каролина Мухова, која ја елиминираше ветеранката и поранешна шампионка на „Флашинг Медоуз“, Венус Вилијамс.
