Вести Македонија Најважни

Странски кардиолози во итен надзор во приватното здравство

Странски експерти во итен надзор на македонското здравство. По обвинувањата на кардиологот Сашко Кедев дека приватни болници вршеле непотребни операции на срце за испумпаат фондовски пари, Министерството за здравство најави комисија од тројца кардиолози од три различни европски држави.

Ќе проверуваат дали профитот бил ставан пред здравјето на пациенти. Процедурата ќе оди по брза постапка, дециден е министерот Алиу. Во меѓувреме, ќе го повика и Кедев на средба.

„Како фела знаеме дека секаде бројот на експерти е мал. И знаеме дека нашите експерти соработуваат со колегите од околината, затоа за да нема никаков сомнеж, ќе бараме експерти од Словенија и други европски експерти. Комисијата ќе биде тројца, сите од различни држави. Итен вонреден надзор мора да има, и ако се точни да се види што понатаму, тие податоци најверојатно би промениле дел од нашите приоритети во здравството“ изјави Азир Алиу, министерот за здравство.

Алиу побарал податоци и од Лекарската комора. Тврди дека оттаму бил информиран дека неколку години наназад немало ниту редовни, ни вонредни контроли. Проблем е и тоа што Министерството нема информации за пациентите кои се лекуваат во приватното здратсво.

Преку писмо ќе ги информира приватните болници дека од средината на идниот месец ќе мора задолжително да ги отворат базите на податоци, за да може министерството да ја следи здравствената патека на сите пациенти.

Се огласи и Фондот за здравство. Оттаму, тврдат дека нивните контроли во здравството не затаиле.

„Во изминатите четири години не се евидентирани претставки за непотребни медицински интервенции, додека по сопствен наод Фондот има извршено девет контроли за приватно наплатени средства. Сепак, ФЗО нема законска надлежност да ја оценува медицинската оправданост на изведените интервенции, ниту да врши инспекциски надзор врз стручната работа на здравствените установи“ велат од ФЗОМ.

Дали имало несовесно лекување или финансиски злоупотреба за извлекување на пари од фондот?! Јавноста во очекување и на потег од обвинителството.

„Во текот на вчерашниот ден имаше известување дека постапува Министерството за здравство и надлежните инспекции. Доколку утврдат дека има елементи на кривично дело во некоја здравствена установа истото ќе го пријават во надлежно обвинителство“ велат од Обвинителството.

Неколку дена по обвинувањата на Кедев, вчера се огласи приватната болница Систина и на докторот му се закани со тужба доколку не ја објави здравствената установа, за која тврди дека има докази за непотребно извршени операции заради профит, а на штета на здравјето на пациентите. Кедев пак преку социјалните мрежи само кусо одговори, дека оваа тужба ќе биде можност конечно да се види што навистина се случува во македонското приватно здравство.

Весна Јовановска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Почина Тинка Ристеска, доајенка на театарот во Струмица

Дејан Дејан

Судот во Сеул го осуди поранешниот претседател на Јужна Кореја на две години затвор

Sasko Dimovski

Почина актерот Сем Нил, звезда на филмот „Јура парк“

Sasko Dimovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе