Македонската одбојкарска репрезентација се пласираше на Европското првенство во 2026 година откако вечерва во арената „Борис Трајковски“ ја совлада Грузија во три сетови со убедлив резултат. Нашиот тим влезе помеѓу петте најдобри второпласирани репрезентации од седумте квалификациски групи и ги остави зад себе Австрија и Норвешка.
Македонските одбојкари ја остварија зацртаната цел и славеа убедливо против Грузија во три сетови со 25-13, 25-16 и 25-17.
Вечерва имавме проблеми само во третиот сет, кога Грузијците за прв пат и водеа со 11-9, но потоа следуваше една фантастична игра на нашиот капитен Никола Ѓорѓиев, кој инспирираше серија од 9-1. Македонија дојде до убедлива предност и на крајот победа, што не однесе на континенталниот турнир.
Капитенот Ѓорѓиев очекувано беше најефикасен со 17 поени. Македонија на крајот финишира како петта меѓу најдобрите второпласирани селекции од седумте групи и ги остави зад себе Австрија и Норвешка, кои извисија за место на континенталниот турнир.
За нашата селекција ова е четврто учество на Европските првенства по ред. Дебитиравме во 2019 година, кога финиширавме на 17-тото место, две години подоцна го имавме најслабиот пласман на 23-тото место, кога не остваривме ниту една победа во групата. Нашиот најдобар настап беше во 2023 година, кога бевме ко-домаќини на континенталниот турнир и во групата во Скопје остваривме две победи доволни за историски успех и пласман во осминафиналето. Таму бевме елиминирани од гигантот Италија со максимални 3-0.
Следното лето Европското првенство ќе се одржи во четири земји Бугарија, Финска, Романија и Италија.
Фото: Игор Паневски
