Шкендија ги заврши настапите во Лигата на шампиони ова лето по убедливиот пораз од 5-1 од Карабах на реваншот во Баку во рамки на третото квалификациско коло. Тетовци го продолжуваат европскиот пат во плеј-офот во Лигата на Европа.
Македонскиот првак одлично го почна натпреварот и поведе во 10-тата минута со голот на Фабрис Тамба по фантастичното проигрување од капитенот Бесар Ибраими. Радоста на тетовци не траеше многу, бидејќи само шест минути подоцна Клисман Цаке си постигна автогол, а Кади Борхес во 18-тата минута веќе направи пресврт. До крајот на првото полувреме беше 4-1 со головите на Наирман Акунѕаде и Марко Јанковиќ од пенал.
Петтиот и последен гол за Карабах го постигна Леандро Андраде во 59-тата минута. Азербејџанскиот шампион славеше и на првата средба одиграна минатата недела во Скопје со 0-1 па со вкупни 6-1 оди во плеј-офот во Лигата на шампиони.
ФОТО: ФК Шкендија/Фејсбук
