Началникот на ОВР Демир Хисар, Роберт Мартиновски, ќе биде разрешен поради непрофесионално однесување при претресот во домот на директорката на гимназијата „Крсте Петков Мисирков“ во Демир Хисар, Маја Лозановска, соопшти МВР, а против него ќе биде покрената и дисциплинска постапка.
„Одделот за внатрешна контрола при МВР, по извршени проверки во врска со објавеното видео од претресот во Демир Хисар, констатираше непрофесионално и неетично однесување на началникот на ОВР. За лицето е покрената дисциплинска постапка. Со цел целосна непристрасност и објективност на истрагата, тој ќе биде разрешен од функцијата. МВР го осудува секој облик на насилство, незаконско или непрофесионално постапување“, се наведува во соопштението на МВР.
Обвинителството и денеска не доби официјален допис од МВР за претресот што полицијата го изврши доцна во петокот кај директорката Лозановска, ниту е поднесена кривична пријава. Засега не е познато дали при претресот на нејзиниот дом, автомобил и службените простории биле пронајдени печатите на училиштето. Адвокатот Жаре Стевановски најави дека во вторник Лозановска ќе се појави на информативен разговор, а потоа ќе побара полициско присуство за директорката да влезе во училиштето, бидејќи постои сомнеж дека некој ја обил просторијата каде што биле печатите.
„По завршување на информативниот разговор, ќе побараме од началникот на ОВР Демир Хисар во негово присуство да се пристапи во училиштето, со цел да се утврди кој обил во просториите на 8 август, како и да се расчистат спорните прашања околу законитоста на постапката за издавање наредба за претрес – врз основа на чија пријава и какви докази е оформено сомневањето за сторено кривично дело“, изјави Жаре Стевановски.
Одлуката на внатрешната контрола на МВР да го разреши полицискиот началник и да покрене дисциплинска постапка следи по бурните реакции во јавноста откако адвокатот Стевановски објави видео од тензичниот претрес, на кое се гледа како Мартиновски се обидува да ја приведе Лозановска без налог и на носилки, иако таа е на боледување и со влошена здравствена состојба.
Реагираа и дел од политичките партии кои побараа кривична одговорност за сите вмешани во случајот.
Адвокатот Стевановски вчера повтори дека претресот кај Лозановска има политичка позадина и е предизборен обид за незаконско разрешување од страна на градоначалникот на Демир Хисар. Најави кривични пријави и против градоначалникот, и против полицискиот началник.
Емилија Мисирлиевски
