Од скопскиот кривичен суд се барале гаранции дека на Африм Исмаиловиќ, осуден во отсуство на доживотен затвор за 5-кратното убиство кај смилковското езеро пред 9 години, ќе му се суди повторно и во фер и правичен судски процес.
Од министерството за правда потврдија дека минатата недела барањето од косовските власти било испратено до скопскиот кривичен суд каде е изречена доживотната пресуда. Скопскиот суд ја подготвил гаранцијата и преку Министерството е испратена назад во Косово, каде на 2-ри април по сообраќаен прекршок беше откриен долгогодишниот бегалец Исмаиловиќ.
Според македонското законодавство, секој што е осуден во отсуство има право да бара повторено судење и најчесто бегалците ја искористуваат таа можност откако ќе бидат екстрадирани во државата.
Косово треба да одговори дали ќе ја одобри и изврши екстрадицијата на еден од осудените за тероризам и за 5 убиства, иако за тоа не е утврден прецизен рок. Африм заедно со брат му Агим Исмаиловиќ и бегалецот Алил Демири и во повторената постапка за „монструм“ се осудени на доживотни затворски казни. Двајца од нив се наоаѓат во бегство од пред 9 години, а еднаш беа уапсени во Косово, но не беа екстрадирани поради оценка на Приштина дека станува збор за политичка заднина на случајот.
Денес е 9-годишнина од смилковскиот масакр, кога на езерото беа убиени 4-ца младинци Филип Славковски, Александар Наќевски, Цветанчо Ацковски и Кире Трпковски и 45-годишниот жител на Црешево, Борче Стевковски.
Миомир Серафиновиќ