Корона жаришта стануваат општините од крајниот исток. Во туристичко Берово забележани се 140 активни случаи, досега се заразиле 929, а оздравени се 789 пациенти, стои во новиот извештај на Институтот за јавно здравје. Досега битката ја загубиле 28 жители.
Повторното ширење на вирусот низ беровскиот крај се должи на недисциплината и непочитувањето на мерките, вели за Телма градоначалникот Ѕвонко Пекевски.
Токму и поради новите случаи на заразени и изолиран медицински кадар во Здравствениот дом во Берово не се имунизира населението над 77 години со вакцината Астра Зенека. Матичните лекари им закажуваат вакцинација на пунктовите во Пехчево и во Виница.
Директорката на делчевскиот Здравствен дом, Марија Глигоровска за Телма вели дека до пред две недели имале затишје, но деновиве повторно се појавуваат нови случаи, а карактеристично е и тоа што пациентите се во тешка состојба.
Понекогаш имаме бран на поголем број на заразени, а пациентите болеста ја поминуваат полесно, но овие денови имаме пациенти, кои се со потешка клиничка слика. Имаме добра координација со ковид центрите во Кочани и Штип, каде што се хоспиталиизраат нашите пациенти, доколку нема слободни места и во зависност од состојбата се испраќаат веднаш во Скопје, вели Глигоровска.
Во штипскиот ковид центра изминатите 24 часа битката ја загубија двајца пациенти од Штип на возраст од 57 и 88 години.Во овој центар биолнички третман добиваат 90, а од нив 51 пациент е на постојана кислородна поддршка.
Викторија Јованова