Македонско државјанство дефинитивно нема да се добива со тројца сведоци. Ќе има наведено 10-15 услови, а со исполнување на еден од нив, најголем број од таканаречените „фантоми„, ќе можат да добијат државјанство. Тоа ќе зависи и од пречките поради кои овие лица не станале досега македонски државјани, а кои се однесуваат на различни области. Ова го најави денеска премиерот, а конечното решение се очекува во понеделник, на средбата со Гаши и Села.
Не откри повеќе детали, но тврди дека условите ќе бидат исти како и во регионот и во Европа, во најлибералната можна варијанта. Коментар за деталите нема ниту од партиите на Албанците. Велат дека сакаат да им дадат шанса на лидерите, да дојдат до договор што ќе го одблокира Собранието.
Неофицијално, се очекува од албанската опозиција сепак да попуштат и да ја прифатат понудата за преодно решение, која првично ја отфрлија, државјанства да може да добијат само лицата кои се во евиденцијата на МВР и тоа во временски период од шест месеци, но со поголема временска рамка, од една година. Отворено е и прашањето како ќе се реши условот – државјанство да може да стекне само граѓанинот кој го познава официјалниот јазик на државата – македонскиот.
Алијанса и Алтернатива бараат да важи познавање на албанскиот јазик. Тврдат дека, од евидентираните граѓани без државјанство голем дел се постари односно лица на 70 – 80 година, кои се родени и живеат во Македонија, но не го владеат македонскиот јазик. Не се знае ниту точната бројка на лица кои имаат проблеми со државјанствата.Меѓу нив е и мајката на пратеничката од Алтернатива, Сафије Садики-Шаини, чии пет деца имаат македонско државјанство, а таа нема. Едната тетка на Африм Гаши, пак, добила државјанство, нејзината близначка-не. На веб страницата на партиите, се јавиле 1800 лица, кои биле одбиени по разни основи.
Доколку се постигне договор, партиите ќе ги повлечат амандманите, а петтиот пакет економски мерки во Собранието ќе се одблокира.
Далиборка Демјанска Цветановска