Астра Зенека останува забранета за луѓето под 60 години во Македонија – одлучија првите луѓе во здравството. Ова следува по ставот на Европската агенција за лекови дека случаите со тромбоза може да се поврзани со таа вакцина за Ковид.
Нема никакви посебни препораки за луѓето кои беа во Србија за да ја примат првата доза, а насоките за ревакцината ќе следуваат во следниот период, велат од Здравство.
Сепак останува праксата секоја земја засебно да одлучува дали ќе дозволи вакцинација со Астра Зенека за лица помлади од одредена возрасна граница.
„Утрово разговаравме и го разгледувавме ставот на бордот на Европската агенција за лекови во врска со безбедноста на вакцината на Астра Зенека. После евалуацијата на сите тие несакани ефекти во форма на тромботични состојби посебно кај млади луѓе. Бордот излезе со две препораки. Првата е дека тие несакани тромботични ефекти треба да влезат во упатството на самата вакцина и второ дека секоја држава треба да заземе став во однос на тоа како ќе се користи вакцината и согласно тоа после утринските консултации донесовме став вакцината на Астра Зенека да не се дава на помлади лица од шеесет години во нашата земја“ вели доктор Венко Филипче, министер за здравство.
Во меѓувреме, во тек е вакцинацијата низ вакциналните пунктови во поликлиниките и во главниот вакцинален пункт во Скопје. Овде – највозрасните, рака под рака – до првата доза на оксфордската вакцина АстраЗенека. Во салата „Борис Трајковски“ секојдневно различни категории кои се опфатени во приоритетните групи – се вакцинираа полицајци, војници, а денес наставници и останати здравствени работници. „Мора да се вакцинираме“ е апелот ако го прашате било кој здравствен работник.
„Видовме што направи вирусот. Четиринаесет месеци нѐ зави во таква критична ситуација што не можеме сѐ уште да се справиме. Многу семејства се завија во црно така што – мора да се вакцинираме! Јас лично така мислам“ вели Сабиха Старова од Институтот за јавно здравје.
Додека на календар ги бележиме првите денови од почетокот на масовната имунизација во земјава, ситуацијата со Ковид останува критична. Синоќа црн рекорд од 51 починат пациент во дневната-Ковид статистика. Но, врвот на заразата во третиот бран може да е веќе зад нас вели министерот.
„Вчера во текот на денот почувствуваме мало спласнување, а денес и бројката на новозаразени е нешто помала – околу 1200 треба да биде. Да не избрзувам со изјавите заради тоа што мора да ја следиме состојбата и оваа недела. Многу е веројатно дека пикот е веќе зад нас, но тоа ќе го кажеме некаде на почетокот на следната недела“ вели доктор Венко Филипче, министер за здравство.
Министерот најави дека следната недела пристигнуваат 1500 пакувања со дози од нова коктел-терапија за пациентите низ болниците. Ваква терапија веќе се применува во САД. Појаснувањата се дека се работи за терапија која влијае на намалувањето на репликацијата на вирусот.
Петар Догов