Актуелната состојбата предизвикана од Ковид-19 беше причина МЦМС повторно да ги провери ставовите на граѓаните поврзани со здравјето но, и со поголем број други состојби кои ги предизвика болеста. Истражувањето: „Ковид-19: една година стравови, очекувања и желби за враќање во ‘нормала’“ е составено од три дела, во вториот се обработени ставовите за носење заштитна маска, ограничувањата и забраните за организирање настани, ставовите на за работата на здравствените институции, работата на министерот за здравство и премиерот на државата како и ставовите за процесот на вакцинација и довербата во вакцините.
Резултатите од истражувањето на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) покажаа дека половина од испитаниците целосно и донекаде имаат доверба во новите вакцини (50,4%), а 49,1% донекаде и целосно немаат доверба Етничките Албанци имаат поголема доверба во вакцините (67,5%) во однос на етничките Македонци (44,5%). Повеќе од половината (56,4%) одговориле многу веројатно, односно веројатно е дека ќе се вакцинираат. Ова е зголемување во однос на анкетата спроведена во декември 2020 година кога 38,7% од граѓаните рекле дека е многу веројатно или веројатно дека ќе се вакцинираат. Етничките Албанци (73,1%) изразиле поголема веројатност за вакцинирање од етнички Македонци (51,7%). Големо мнозинство од испитаниците (73,5%) сметаат дека Владата не реагирала соодветно и навремено при набавката на вакцините. Споредено со земјите во регионот, мнозинство од испитаниците (65,0%) сметаат дека нивото за вакцинирање во Македонија е под стандардот. Етничките Македонци се понезадоволни со степенот на вакцинација во државата, па 73,4% одговориле дека нивото на вакцинација е под стандардот во регионот, што е за 30 пп повеќе од етничките Албанци (43,4%).
Што се однесува до мерките за заштита, речиси сите испитаници се согласуваат со потребата од носење на заштитна маска во продавници и затворени објекти (94,5%), додека пак мнозинство од нив (61,6%) сметаат дека носење на маска е потребно и на отворено. Вкупно 70,7% сметаат дека наставата во образованието треба да се спроведува онлајн. Граѓаните (82,7%) сметаат дека се потребни ограничувања во угостителските објекти. Највозрасните испитаници (над 65 години) во најголема мера сметаат дека има потреба од вакви ограничувања (91,5%). Висока е и поддршката за забрана за свадби и настани во затворен простор (85,1%), но и забрана за свадби и настани на отворено (80,5%).
Работата на матичните доктори е оценета позитивно од 81,0% од граѓаните, работата на болниците и Ковид центрите од 68,5%. Иако мнозински, најнизок е процентот на оние кои позитивно ја оцениле работата на Комисијата за заразни болести (54,9%). Речиси поделена е оценката за работата на министерот Филипче односно 51,3% сметаат дека добро ја врши својата работа, 47,7% сметаат дека работи лошо. Кај премиерот Зоран Заев, побројни се оние кои рекле дека работи лошо (59,7%), а една третина сметаат дека работи добро (36,7%).
Последниот дел од истражувањето ќе биде објавени во текот на оваа недела. За МЦМС, анкетата ја спроведе М-Проспект. Податоците беа прибирани со телефонска анкета во периодот од 12 до 17 март 2021 година.