Четири активни пожари во моментов, 40-тина за само три дена на територијата на државата. Надлежните со еден „Ер трактор“ во моментов, а два се на сервисирање и со три расположливи пилоти од кои двајца се враќаат од пензија. Следната недела ќе се промовираат и адаптираните теренски возила од полицијата и армијата кои што според Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) ќе имаат огромна улога во гаснењето на пожарите кои се очекуваат во наредниот период.
Временските прилики не одат во прилог и затоа од ДЗС очекуваат интензивирање на пожарите, но истакнуваат дека оваа година ќе бидат подобро подготвени. Од ДЗС информираат дека и овој пат речиси сите пожари се настанати поради човечки фактор и затоа Ангелов апелираше до граѓаните да бидат максимално внимателни, да ги расчистат дворовите од своите куќи и викендички, но и да пријават доколку забележат жици од далновод кои не се затегнати.
„Апелирам до граѓаните, нека ја искосат тревата. Оние кои можат со трактор или мотокултиватор нека ги искосат сопствените дворови. Ниту еден пожар не може да прескокне неколку метри бришан простор. Само така граѓаните ќе ни помогнат во борбата против пожарите, бидејќи со вакво темпо прогнозите се дека ќе имаме многу тешко лето, многу пожари за гаснење и нашиот фокус наместо совладување на пожарите е насочен кон одбрана на населените места“, изјави Стојанче Ангелов, директор на ДЗС.
Ангелов упати апел до пилотите да се пријават за обука за управување со „Ер трактори“, бидејќи договорот на двајцата пилоти кои се вратија од пензија истекува идното лето. Во моментов ДЗС има еден функционален авион, следната недела треба уште еден да биде вратен од сервисирање.
„Сите пилоти кои имаат професионална дозвола и поголем број на налети, односно часови да дојдат да поразговараме и во текот на есента, најрано штом се создадат услови да ги упатиме на обука за „Ер трактори“. Во овој момент пилотите смеат да летаат два пати по три часа и тоа е се. Кога би имало втор пилот, Ер тракторите можат да бидат активни цел ден. Бидејќи пилотите се лимитирани на шест часа, тоа значи и дека авионите се лимитирани на истото време што воопшто не е доволно со оглед каква сезона не очекува“, додаде Ангелов.
Идната недела ДЗС ќе ги промовира адаптираните армиски и полициски возила, вклучително и оклопни транспортери на кои се монтирани резервоари за вода и кои ќе се користат.
Ангелов, исто така, побара од граѓаните доколку некое овластено лице од Дирекцијата кое врши инспекција се обиде да бара поткуп веднаш да го пријават во полиција.
Огнен Чанчаревиќ