Првите повици за вакцинација денеска ги добија старите луѓе над 77 години. Од утре ќе започне нивната имунизација со вакцината на Астра Зенека. Од утрово матичните лекари ги повикуваат сите кои претходно пројавиле интерес на вакцинација.мк и преку „мој термин“ им го закажуваат времето кога треба да се појават во здравствените домови. Во Скопје ќе се вакцинираат на три пунктови во поликлиниките Јане Сандански, во Чаир и во Букурешт.
Сите оние луѓе кои нема да можат да го подигнат упатот сепак ќе бидат вакциниани ако се појават на терминот кој го добиле бидејќи веќе се внесени во системот велат од здравствените домови. За сега нема решение за старите и изнемоштени кои се неподвижни и не можат да дојдат на пунктовите. Не се знае ниту точниот број кој е предвиден за оваа група на граѓани, но според информациите термините се пополнети за до 9 -ти април.
Од министерството денеска информираа дека од 24 илјади дози вакцини 4 илјади ќе одат за вработени во критичната државна инфраструктура.
Во нив влегуваат следните групи: вработени во МВР кои се најизложени на ризик а за кои МВР треба да достави списоци согласно ризикот, вработени во АРМ исто така согласно список доставен од институцијата за најизложените групи, новинари вработени во медиуми, вработени во обвинителство и судови, возачите на автобуси во ЈСП, пожаникарите, вработените воспитувачки во градинките и вработените на патарините. Со оваа одлука техничката група за имунизација смета дека ќе се заштитат оние вработени кои имаат најмногу контакти и се во голем ризик, велат од министерство за здравство
Во меѓувреме за масовна вакцинација се подготвува спортската сала Борис Трајковски. Денеска беше наместена инфраструктурата за 28- те пунктови, а се организира и просторот каде ќе се движат граѓаните кои ќе доаѓаат и ќе го чекаат својот ред. Инаку до сега се вакцинирани дел од здравствените работници со 8 000 дози на фајзер вакцините кои ни ги подари Србија, и со 3 000 прва доза на руската спутник, чија втора доза пристигна во неделата исто така наменети за здравството. Во меѓувеме единствена помасовна вакцинација се случи викендов на населението кое се пријави за тоа но во соседна Србија каде отпатуваа повеќе од 10 илјади граѓани од земјава.
Билјана Николовска