Со вакцини или без – непредвидливо е како ќе се одвива Ковид-состојбата во Македонија. Нѐ очекуваат неизвесни месеци.
Во моментов се соочуваме со британската мутација и таа не прави разлика на возраста – подложни на зараза се и младите како и повозрасните – бидејќи првично тие се оние кои полесно ги заобиколуваат мерките на властите.
Ова се главните поенти на епидемиологот Александар Стојанов кој објаснува дека за жал во оваа пандемија не се исклучени случаи и како вчерашните кога битката со вирусот ја загубија две млади девојки на 23 и 24 годишна возраст.
„Помладите не се изолирани од оваа болест. Тие почесто ја пренесуваат затоа што имаат повеќе контакти. Повеќе се движат отколку пензионерите, Логично е и повеќе да заразуваат. Имаат помлад имун систем, имаат поздрав организам отколку постарите луѓе и затоа помалку заболуваат ама тоа не е апсолутно така. Логично е тоа што со годините се појавуваат и повеќе хронични болести, т.н. коморбидитети. Кај младите не се толку изразени, што не значи дека тие немаат коморбидитети“ за Телма изјави доктор Александар Стојанов, епидемиолог.
Доктор Стојанов смета дека веќе требаше досега да се воведат дури и поостри рестрикции, за да се олесни притисокот врз болниците.
Неговото долгогодишно искуство со вакцинација во земјава го научило на тоа дека надлежните сигурно ќе се соочат со отпор кај дел од населението и за вакцините за Ковид, иако во нив гледаме спас од пандемијата.
„Сите сакаме да седнеме во кафеана, па да одиме на скијање, а никој не ги прашува колегите доктори дали можат да издржат. Битно да се качите на маса, музиката да свири, а за мерките има кој да размислува. Убавото време ќе ги поттикне луѓето повеќе да се дружат, повеќе да се собираат така што мерките си остануваат без разлика дали имаме вакцини или не, дали е лето или зима, дали врне или не врне. Остануват маската, растојанието, дезинфекцијата и избегнувањето на собири“ изјави доктор Стојанов.
Во меѓувреме, додека епидемиолозите анализираат, здравствените власти секојдневно објавуваат нови бројки поврзани со Корона вирусот.
16 илјади активни случаи на зараза носат со себе и зголемен број на хоспитализации. Од вчера до денес осумдесетина нови пациенти се примени во Ковид-центрите во Скопје.
Пациенти се примаат и во сите други пренаменети одделенија за позитивни пациенти. На Интерните и хируршки клиники се лекуваат 295 пациенти. До утрово имало 70 слободни кревети.
Петар Догов