Македонскиот центар на ИТИ-УНЕСКО, во пресрет на 27 март- Светскиот ден на театарот, традиционално ги објави пораките, напишани од истакнати странски и домашни театарски дејци. Годинава, домашната порака за Светскиот ден на театарот ја напиша Сузан Акбелге, актерка од Турскиот театар во Скопје. Таа беше избрана од Програмскиот одбор на Македонскиот центар на ИТИ- УНЕСКО. Во пораката Агбелге се осврнува на нужноста од општествени промени, поради пандемија.
- Кризите секогаш се шанса за преобразба. Какви суштински промени ќе донесат последиците од пандемијата сѐуште не знаеме. Но, она што со сигурност го знаеме е дека светот во којшто човечката жед за консумирање го достигна врвот, наспроти битисувањето и креирањето, човечката рамнодушност кон сѐ околу него, општествената матрица која на сила втурнува политички чиновници кои уништуваат институции и цели генерации луѓе… актери, е неодржлив и промените се неминовни и нужни како на општествено, така и на социјално, економско, човечко и културолошко ниво, пишува актерката Акбелге во пораката.
Кризата, смета Сузан Акбелге ,е можност изобилството слободно време да се преточи во креативност, како доказ за постоењето и опстојот.
- Кога сите дефиниции за театарот паѓаат во вода за време на криза, предизвик и културна обврска на секој поединец-уметник е да повикува на повисок степен на одговорност, иновативност, креативно истражување на нови модели и форми на театарско битисување, сега и во иднина. Денес на Светскиот ден на театарот, во време на голема криза кога во изобилие го имаме само времето, Ве поканувам да сонуваме со очи ширум отворени, да ја разбудиме креативноста преку која постоиме, пишува Акбелге.
А, авторка на меѓународната порака за Светскиот ден на театарот е британската театарска, филмска и тв ѕвезда, Хелен Мирен. Во пораката, таа ја истакнува несигурноста на која се изложени уметниците поради пандемија и вели дека мудроста и храброста им помагаат да ја преживеат .
- Нивната имагинација како да самата се преведува и пренесува, во овие нови околности, во овие инвентивни, забавни и трогателни начини на комуникација, благодарејќи на насоките кои интернетот претежно ни ги наметнува, пишува во меѓународната порака Хелен Мирен.
Според оваа оскаровка, креативниот набој на уметниците никогаш нема да биде потиснат , а во блиска иднина тој повторно ќе процвета со една нова енергија и разбирање за светот, кој сите ние го делиме.