Поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељановски денеска сведочеше како првообвинет за организирање на крвавиот четврток.
Вељановски ја објасни процедурата за водење на седници и даде хронологија на настаните на конститутивната седница од првата пратеничка координација на 29-ти декември 2016-та до упадот во Собранието на 27-ми април.
Тој во сведочењето негираше дека тој ден или воопшто зборувал за конститутивната седница на паралемнтот со останатите тројца обвинети Миле Јанкиески, Спире Ристески и Владимир Атанасовски.
За тогашниот директор на УБК Атанасовски, поранешниот спикер рече дека првпат го видел во судница. Како голема лага, Вељановски ја оцени изјавата на сведокот Александар Василевски Нинџа дека добивал наредби за инцидентите од тогашната заменичка министерка Билјана Бришкоска.
Во сведочењето, Вељановски тврдеше дека поради калкулирањето со изборот на собраниската комисија за избори и именувања, се гледало дека нов спикер ќе се бира со силен филибастеринг. Изрази жалење за настаните од 27-ми април и смета дека сите се жртви на тој настан.
Рочиштето беше прекинато откако тоа го побара обвинителката Вилма Русковска затоа што ноќеска не спиела поради акцијата Планина во Грчец. Судењето е одложено, а за храбрата акција во Грчец ја пофали обвинетиот Атанасовски. Закажани се уште неколку рочишта до крајот на април, а меѓу нив е планирано и рочиште за 27-ми април, на 4-годишнината од упадот во Собранието.
Миомир Серафиновиќ