45 илјади македонски државјани се самопопишале во Швајцарија, 31 илјада во Германија, 19 илјади во Италија. Се зголемува интересот и на другите континенти: над 5 илјади во САД, илјада и 200 во Канада, илјада и 700 во Австралија. Со 7 илјади 100 во последното деноноќие, вкупниот број надмина 137 илјади. Од Владата потенцираат дека се заокружува изборот на попишувачи и инструктори, здравствените протоколи се прецизни, а повиците за бојкот се кривично дело.
Иако има организирани повици на бојкот, нема ниту една кривична пријава. И кампањата за попишување наидува на отпор.
Опозициската ВМРО ДПМНЕ повторно обвини за политичко пазарење, но и за „насилно туркање на попис среде епидемија“, што според нив е „гаранција за епидемиска бомба која ќе чини здравје и илјадници загубени животи“.
За власта, секое одложување е беспредметно бидејќи никој не може да гарантира каква ќе биде епидемиолошката состојба на есен или другата пролет. Премиерот Зоран Заев посочи дека попишувањето и во дијаспората и во земјата, е првиот вистински патриотски чин што треба да се направи за државата.
Соња Николовска