За сега нема одлука од Антикорупциска комисија во врска со преставката за фаворизирање на кандидат при изборот на генерален директор на ЦК во Струмица, упатена од актерите во тамошниот театар. Од Антикорупциска велат дека сеуште собираат документи за случајот со избраниот директор Васил Бубев.
- Веќе ги добивме документите од Министерството за култура кое го спроведе конкурсот за извор на директор. Но, сеуште ги чекаме документите од Агенцијата за вработување , но и од театарот при ЦК „ Антон Панов“ , во Струмица. Имаме рок да одлучиме до седницата следната седмица или до седницата една седмица подоцна, велат од Антикорупциска комисија.
Струмичките актери , незадоволни од изборот на Министерството за култура на директорот на ЦК, испратија и тужба до Управниот суд. Но од таму, ниту портпаролот, ниту претседателот Бурим Сејдини се достапни за било какав коментар околу постапката со тужбата.
Изборот на Васил Бубев за генерален директор на ЦК, актерите го дочекаа со негодување. Тие сметаат дека се работи за политичка одлука и дека назначениот кандидат не е компетентен да биде менаџер на таа установа од културата зашто по професија е професор по физичка култура. Согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, актерите дојдоа до документите од спроведениот конкурс на Министерството и ја обвинија комисијата дека по завршениот рок, дополнително барала од Васил Бубев да достави документ за доказ на неговите претходни ангажмани во сферата на културата. Незадоволството го преточија во иницијативата „ Култура или фис- култура“ и добија подршка од над 320 уметници и културни работници од институционалната и независната културна сцена во земјава.
Актерите одржаа два протеста во Скопје и исто толку средби со министерката за култура Ирена Стефоска. Но, не беше најдено заедничко решение, иако беше најавено дека ќе се бара, согласно постојниот Закон за култура. Од Министерството за култура рекоа дека изборот на Васил Бубев формално – правно е издражан и дека нема како да се поништи конкурсот зашто постапката за избор е едностепена. Од таму најавија дека Бубев со програмата за работа планира да ги подобри условите и дека ќе бидат назначени уметнички раководители на трите сектори во ЦК, меѓу кои е и театарот. Слична изјава стигна и од премиерот Зоран Заев. А министерката Стефоска апелираше актерите да се вратат на сцената и во емисијата „ Вин -Вин“, најави нова можна средба со нив, во Струмица.
Минатата недела актерите имаа протестен перформанс на плоштадот во Струмица. Одржаа и средба со Управниот одбор на ЦК . А, на 23 март за овој проблем ќе разговараат со претседателот Стево Пендаровски. Тие бараат разрешување на генералниот директор Бубев, назначување нов в.д. директор на ЦК, распишување нов конкурс за избор на прв човек на ЦК „ Антон Панов“, транспарентност и отчетност при изборот на раководители на културните установи и запирање на партизацијата во културата, согласно усвоената Национална стратегија за култура (2018-2022) година.
На конкурсот за избор на директор на ЦК во Струмица, кој Министерството за култура го спроведе во декември- јануари 2020/2021 година, беа одбиени културен менаџер и актерка со три децениско искуство во театарот, со образложение дека не приложиле комплетна документација.