Страв од корона вирусот или последица на политичката атмосфера околу пописот? Кои се причините за слабиот интерес за попишувачи? Пописот почнува за две недели, а на одредени места се` уште нема кој да попишува. Многу од тие што се пријавиле, не се појавиле на тестирање. Од Статистика утре ќе распишат уште еден оглас и убедуваат дека нема причина за страв од вирусот ниту на попишувачите, ни на тие кои ќе се попишуваат.
Попишувачите нема да бидат тестирани на Ковид пред пописот. Симовски не гледа смисла да се тестираат лица за кои не може да се гарантира дека за неколку дена нема да бидат позитивни. Уверува дека протоколите се строги и се води сметка за тоа, граѓаните да не се доведат во опасност од попишувачите. Доколку има потреба, протоколите ќе се заоструваат во текот на самиот процес.
Лицата кои се пријавиле за попишување на повеќе места ќе можат да попишуваат само во едно, а се проверува и дали на огласот има пријавено вработени.
Во однос на пописот во дијаспората, Симовски ги отфрла пишувањата дека, иселеници кои се обиделе да се попишат, добиле известување дека нивниот матичен број е веќе внесен во апликацијата.
До денеска се самопопишале над 68 илјади лица од дијаспората.
Далиборка Цветановска