Орце Камчев бил приведен утрово, на излез од неговата куќа, а полицијата го спровела апсењето пред да биде известено обвинителството. Причината била службена белешка на Агенцијата за национална безбедност дека реализирал средби со луѓе од странство кои биле таргет на агенцијата, кои според АНБ биле индиција за можно бегство во Бугарија. Обвинителството подоцна потврди како е уапсен Камчев.
ОБВИНИТЕЛСТВО: Денеска во утринските часови, врз основа на сознанијата на Агенцијата за национална безбедност дека Јордан Камчев се подготвува за бегство, Министерството за внатрешни работи го лиши од слобода.
Обвинителството бараше 30 дена притвор поврзано со случајот плацеви на Водно. Откако му беше определен притвор, Камчев кој е осомничен и во случајот Империја беше спроведен во скопскиот затвор во Шутка, Неговиот бранител смета дека немало никакви докази или индиции за бегство, одлуката ја нарече садистичка реакција на државните институција на прочка против човек кој има болница и инвестира во време на пандемија.
Од друга страна, според сознанија на Телма, Камчев е уапсен по член 158, но не од кривичниот законик туку по законот за кривична постапка со кој се регулира лишување од слобода без судски налог. Со ист број но во Кривичниот законик е изборно кривично дело. Како е изготвена службената белешка во полициската станица Карпош, дали има грешки, намерни или од незнаење ќе треба да се испита, но адвокатот тврди дека е изборна измама во прашање, што по негово укажување е ставено и во судската одлука која тој ја покажа пред новинарите.
Сега откако Камчев е во Шутка, се проблематизира неговото сведочење планирано за овој четврток, како сведок на обвинителството во предметот Меѓународен сојуз. Утре тој требало да се подготвува со обвинител, но сега подготовката за сведочење ќе треба да се одвива во Шутка. Во случајот е обвинета и поранешната пратеничка чиј сопруг работи во АНБ од каде дошла информацијата за можно бегство. Адвокатот се сомнева во овие врски за определниот притвор.
Од обвинителството пак потврдија дека притворот е баран за плацевите на Водно, односно за кривично дело перење на пари во кое покрај Камчев се осомничени уште 5 лица. Поранешниот премиер Никола Груевски се товари дека овозможил со пари прибрани за партијата бда се купи земјиште на Водно преку фирма на поранешниот свој кум Новачевски. Осомничени се и Ненад Јосифовиќ и Ратка Камчева. Адвокатот Менкиновски тврди дека таква постапка не смее да води обвинител кој сега по распадот на СЈО е од Радовиш. Станува збор за Лиле Стефанова, која го води случајот Империја преку кој Камчев бил рекетиран, а во затвор со пресуди завршија Катица Јанева и Боки 13. Стефанова го отвори и случајот со плацевите на Водно, а таа го потпиша и предлогот за притвор баран поради можност за бегство на Камчев во Бугарија. По распитот и определената мерка не се појави пред новинарите туку замина со автомобил преку гаражата на судот и ни пиша дека е многу уморна.
Миомир Серафиновиќ