Враќање на довербата на граќаните во судството и функционален систем се приоритетите на претседателот на Врховниот суд Беса Адеми кој денеска ја потпиша свечената заклетва. Судовите се соочуваат со недостаток од судии. Во моментов судовите бројат дури 130 судии помалку од предвиденото. Први пополновања на места ќе има дури наредната година кога ќе заврши обуката на седмата генерација во Академијата но и таа бројка е далеку од доволна
Судијката Беса Адеми, денеска, пред Судскиот совет ја даде свечената заклетва како претседател на Врховниот суд. Таа кажа дека приоритет ќе и биде да ја врати довербата на граѓаните во судскиот систем и дека е свесна за незавидната состојба на судството во Македонија. Адеми нагласи дека правната држава мора да има функционален систем а правдата мора да биде достапна за сите граѓани.
Адеми која е судија во Врховниот суд од 2009 година, Судскиот совет ја избра за претседател на Врховниот суд на 12 февруари годинава со 12 гласа „за“ и еден против. За претседателското место конкурираа и судиите Џемали Саити и Лидија Неделкова, која неколку дена подоцна беше разрешена од судијската функција.
А каква е состојбата во судовите низ државата. Како клучен проблем се наметнува недостатокот од судии. Во моментов именувани се 506 судии а според судскиот совет неопходната бројка е далеку поголема и за нормално функционирање на судовите потребни се 639 судии односно 130 повеќе.
Кадарот се пополнува преку Академијата за судии и јавни обвинители каде во моментов тече едукацијата на седмата генерација. Станува збор за 30 судии кои би можеле да бидат именувани најрано во септември идната година.
Судскиот совет вчера распиша оглас за избор на тројца судии во Кривичниот и Граѓанскиот суд во Скопје.
Огнен Чанчаревиќ