Дојде со еден бубрег на патологија, се врати со уште еден дел од нејзиниот втор бубрег изваден во струшката болница, но сега ставен во парафински калапи.
Вака родилката од Дебар Јилдиз Веаповска сама ќе ја бара вистината за тоа дали органите воопшто се нејзини и дали е оправдано тоа што докторот гинеколог Мухамед Асани при породувањето и ги извадил и матката, бубрегот и еден јајник.
Вели дека ќе ги носи во приватни клиники, па во странство за да ја дознае вистината. Поради разочараноста од домашните здравствени институции сега и останува само да очекува обвинителството да си ја заврши работата.
Ако добро се погледне наодот од патологија горе е впишано дека има некакви оштетувања на артеријата на бубрегот, а според описот тој бил здрав.
Но според познавачите со кои комуницираше Телма мора да се испита во кое време е настанато оштетувањето на артеријата и дали било неопходно тој да се вади.
Од судска медицина се подготвени да направат вештачење врз база на се што може да биде доказ, но велат до сега обвинителството тоа не го побарал од нив.
Гинекологот Мухамед Асани кој се уште е и директор на болницата во Струга а кај кого дома беше откриена ординација во која прегледувал на диво е лекарот кој ја пораѓал Веаповска.
Ниту министерот за Здравство Венко Филипче денеска не одговори зошто не е разрешен.
Ова прашање го остави за другата недела. А според родилката токму Асани во меѓувреме преку други луѓе пробал да се спогоди со неа.
Лекарската комора не пронајде грешка во постапувањето на докторот.
Сепак кривична пријава против него е поднесена а нема одговор од обвинителството во Струга до каде е овој случај.
Инаку Веаповска се породила на 31 август лани во струшката болница а откако состојбата и станала критична ја префрлиле на скопските клиники, каде кога се разбудила од кома дознала дека и се извадени органите.
Билјана Николовска
