Новото игралиште во Усје со кое се пофали градоначалникот Темелковски на социјалните мрежи, веднаш предизвика бурни реакции на тамошните жители кои револтирано реагираат дека е доведена во опасност безбедноста на нивните деца. Тие не сакаа да говорат пред камерите и рекоа дека се што имале да кажат го кажале со споделената видео снимка. Денес можеше да се забележи дека се поставени огради и општината интервенирала со поместување на лизгалките за кои Темелковски признава дека не биле првично поставени на соодветно место, но тука беа и автомобилите кои постојано минуваа. За градоначалникот Темелковски тоа е едно од ретките земјишта кое што е државно и самите граѓани се одлучиле таму да има детско игралиште.
Игралиштетот и на тоа видео и на нашата објава си стои дека не е готово. На игралиштето веќе е поставена оградата и ние како општина констатиравме дека тие лизгалки се несоодветни за таму и тие ќе се сменат. Дополнително таа улица не е улица каде што поминуваат автомобили и само во моментов се користи бидејќи се прави фекалната канализација во Усје и дел од улиците се затворени и таа се користи како алтернативен пат, изјави Темелковски.
И покрај фактот што Темелковски вели дека споделеното видео на социјалните мрежи покажува дека игралиштето не е завршено и родителите биле предупредени да внимаваат на своите деца додека да биде завршено, сепак е нејасно зошто не биле преземени сите мерки за нивна безбедност.
Безбедноста ни е на прво место, но сите ние имаме одговорност кон нашата лична безбедност и безбедноста на нашите најмили, без разлика дали говориме за игралиштето во Усје, во 11 Октомври или било каде, вели Темелковски.
Во меѓувреме најмладите и нивните родители треба да бидат трпеливи додека надлежните институции ги превземат сите чекори за нивната безбедност.
Нина Стефанова