Системот за попишување не проверува дали внесените матични броеви се валидни. Во полето за ЕМБГ, можат да се напишат и 13 нули, системот веднаш дозволува пристап. Ова е уште една слабост на апликацијата за попис, која ја открија програмерите. Откако објавија дека, преку ВПН е лесно да се попишат лица од Македонија како да се во странство, сега предупредуваат и дека, многу лесно може да се попишат илјадници луѓе со измислени податоци. Укажуваат дека, Заводот за статистика мора да вметне барем 2 или 3 степени на проверка, дополнителни заштити во процесот на регистрација, како и систем за валидација на матичните броеви. Со тој систем, велат, веднаш ќе се знае дали тој матичен број постои и дали му припаѓа на тоа лице. Вториот степен е проверка преку мобилен дали тој човек е навистина во државата од која се логира и трет степен, потврда преку мејл. За да не се губи време со вкрстување на разни бази на податоци, треба да се изработи една база на податоци за сите граѓани. Доколку е доцна за тоа, при вкрстувањето на податоците, обавезно за возрасните лица да се користи и базата на УЈП, од која точно ќе се знае кој живее тука.
Но, директорот на Заводот ги одбива нивните предлози. Тврди дека апликацијата е доволно заштитена и предупредува дека, секој обид за злоупотреби и упад во системот е казнив.
Симовски негира и дека има проблеми со отворањето на апликацијата, велејќи дека е задоволен од тоа како до сега се одвива пописот.
До 8 часот утрово, преку оваа апликација се попишани 18 илјади лица. Денеска почна и попишувањето на 105-мината бездомници во прифатниот центар во Визбегово Од понеделникот трае и попишувањето на вработените во дипломатско-конзуларните претставништва и нивните семејства, на дијаспората, припадниците на армијата во странство и затворениците.
Денеска и од Народниот правобранител информираа дека, секој граѓанин кој смета дека му е прекршено некое право поврзано со пописот може електронски да поднесе претставка.
Далиборка Демјанска Цветановска
