Министерот за надворешни работи Бујар Османи на својот фејсбук-профил објави дека попладнево во Софија, се сретнал со неговата бугарска колешка Екатерина Захариева, со која разговарал за секторската соработка и подготовките за одржување на состанокот на меѓувладината комисија.
– На враќање од посетата на Париз, застанав во Софија и се сретнав со министерката за надворешни работи Екатерина Захариева, со која разговаравме за секторска соработка и подготовките за одржување на состанокот на меѓувладината комисија како инструмент кој произлегува од договор за добрососедство веднаш по усогласување на акцискиот план за секторска соработка, наведува Османи во објавата на Фејсбук.
Министерството за надворешни работи соопшти дека на средбата Османи – Захариева биле разгледани актуелностите поврзани со кризата од Ковид-19 и начините на кои двете земји остваруваат соработка во справувањето со овие предизивици.
– Во оваа прилика Захариева потврди дека се прават напори за изнаоѓање начин за испорака на ветените вакцини за Република Северна Македонија, се наведува во соопштението.
МНР информира дека во продолжение на средбата било разговарано за Акцискиот план за меѓусебна соработка и можноста за неговата финализација, во функција на евентуално договарање на втората меѓувладина конференција меѓу двете влади, чии копретседавачи се токму министрите Османи и Захариева.
– Соговорниците изразија задоволство од досегашната соработка и приликата ја искористија и за размена на мислења и за други теми од заеднички интерес за двете страни, се додава во соопштението.
Бугарското МНР јави дека средбата била одржана на барање на Османи, а за време на неофицијалната средба биле разгледани билатералните односи, европската перспектива на Република Северна Македонија и предизвиците со кои се соочуваме за време на пандемијата Ковид-19.
Захариева ја потврдила принципиелната поддршка за европска интеграција на југозападниот сосед, под соодветните услови.
Двајцата министри ја разгледале заедничката работа за исполнување на обврските од Договорот за пријателство во 2017 година и разговарале за претстојното свикување на меѓувладината конференција, која ќе се случи кога двете страни ќе го одобрат нацрт-протоколот, јавува „Бгнес“.
Бугарската страна посочила дека според Договорот од 2017 година, идниот состанок на Заедничката меѓувладина комисија треба да направи целосен преглед на спроведувањето на Договорот, да усвои годишен извештај за работата на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања и да утврди насоки за конкретни активности во иднината соработка.