Расте бројот на новозаразени со Ковид-19 за 5, 3 проценти во 33 градови, пишува во извештајот на Институтот за јавно здравје во последната недела. Наспроти тоа драстичен пад на стапката на смртност за цели 34, 8 проценти. Најмладата жртва во возрасната група е меѓу е 40 до 49 години. Во однос на претходната недела Институтот бележи и помалку оздравени за 24, 2 проценти. Според анализите на МАНУ се детектирани повеќе мутации на Ковид-19.
Во Модуларната болница и денес се во тек обуките на тимовите за спроведување на вакцинацијата која ќе ја спроведуваат медицински тимови од Здравствен дом Скопје. Вакцинацијата ќе почне во 10 часот, а прв ќе се вакцинира медицинскиот персонал кој работи на Инфективна клиника во Скопје. За сестра Марјана Којчева која ги следеше обуките се е подготвено за почетокот на вакцинацијата. Пунктот во модуларната болница има 6 вакцинални позиции и ќе работи во две смени.
До сега бевме на две обуки кои опфаќаат начин на чување на вакцината и начинот на растварање на вакцината, колку време треба да се одмрзне за да биде во употреба. Од претходните вакцини се разликува само по начинот на чување и начинот на одмрзнување и начинот на спремање другото е потполно исто. Вклучени се два тима во две смени по осум сестри и две докторки., вели Којчева.
Во вчерашното гостување во Топ тема директерот на Здравствен дом Скопје, доктор Виктор Исјановски рече дека се чекаат насоките на Министерството за здравство каков е и дали има одреден ризик за вакцинирање на луѓе со одредени хронични болести.
Матичните лекари во изминатиов период имаа повеќе предавања и обуки со експерти од националниот комитет за ковид вакцинација, велат од Министерството за здравство.
Националниот оперативен план за ковид вакицнација опфаќа три фази во кои се таргетирани три главни приоритетни групи со цел да се обезбеди функционирање на здравствениот систем, да се заштитат лицата со најголем ризик од заболување, компликации и смрт и да се одржат основните услуги на критичната инфраструктура. Националната техничка работна група изработи препораки за приоритизација за вакцинација на ризични групи, велат од здравство.
Матичните лекари се известени и кои се контраиндикации, ги знаат своите пациенти и согласно тоа се праварат разговорите со пациентите и понатамошната организација, велат од надлежното министерство.
Нина Стефанова