Пред само неколку недели во модуларната болница секој кревет беше зафатен со пациенти кои се борат за здив. Задутре, овде ќе започне долго најавуваната вакцинација за Ковид.
На ред најпрво се медицинарите од Ковид-центрите заради најдиректен контакт со позитивните пациенти. За нив, модуларната болница на Клинички сега ја доби намената на вакцинална станица.
Задутре, уште во осум часот наутро ќе бидат истрошени првите дози од течноста што значи имунитет на вирусот.
Во модуларната болница има шест вакцинални пунктови во коишто шесторица луѓе одеднаш ќе можат да примат вакцина за Ковид-19.
Вакцините од производителот „Фајзер“ коишто во Македонија стигнаа вчера од Србија, сега се ладат во фрижидерите на Трансфузиологија.
Ги собира во два фрижидери со екстремно ниски температури, затоа што составот на вакцините го условува тоа.
Од Институтот за трансфузиологија уверуваат дека не може да се случи прекин на студениот ланец.
„Вакцините треба да бидат сместени на -60 до -80 степени целзиусови. Во овој момент имаме два фрижидери на располагање за вакцините. Едниот е со капацитет од 100 илјади вакцини или 700 литри и другиот фрижидер има капацитет од 500 литри или 60 илјади вакцини. Ладниот ланец не се прекинува затоа што ние имаме агрегат. Доколку снема струја веднаш се активира агрегатот и фрижидерите функционираат цело време. Во однос на ковалесцентната плазма, таа се чува на -30
Степени целзиусови и не е во тие фрижидери на -80 степени и има доволно простор за складирање на плазмата“ вели Елица Јовановска – Ѓорѓиевски, медицински лаборант на Институтот за трансфузиологија.
Подготовките за вакцинацијата на првата група – медицинарите веќе се речиси завршени.
Но, паралелно со нив и другите вакцинални пунктови во поликлиниките и здравствените домови се средуваат затоа што Македонија очекува стотици илјади дози од Кина да пристигнат и да има доволно за да се започне со имунизација и на населението.
„Ги завршивме припремите. Подготвени се четири ординации, што значи дека имаме осум позиции. Ако се работи во две смени имаме четири доктори и сестри во прва смена и четири доктори и сестри во втора смена. За кинеската вакцина сме целосно подготвени. Овде во поликлиниката имаме наместено агрегат. Значи во моментот штом снемаме струја од ЕВН, во истата секунда се вклучува агрегатот што значи дека чувањето на вакцините е безбедно“ во изјава за Телма кажа д-р. Боре Радевски, раководителот на поликлиниката „Јане Сандански“.
Поликлиниката „Јане Сандански“ е една од трите локации во Скопје, покрај „Букурешт“ и „Чаир“ каде што ќе се даваат вакцини за Ковид.
Оттаму ни објаснија дека кинеските вакцини ќе бидат сместени во фрижидери на температура од 2 до 8 степени.
Истите фрижидери во коишто се чуваат и сите други вакцини коишто веќе се дел од редовни вакцинални календари.
Петар Догов