Во пресрет на конгресот на СДСМ, дел од старите членови одбиваат да го ажурираат своето членство во партијата. Незадоволни се од односот на раководството кон нив, а реагираат и дека партијата не ги донела ветените вработувања.На фејсбук профилот на генералниот секретар, Љупчо Николовски, има бројни реакции дека бројките што секојдневно се објавуваат од ажурирано членство, се претежно од нови членови,што ги нарекуваат камелеони кои се шетаат од штаб во штаб. Се закануваат дека, иако се членови на СДСМ по 25 години, на претстојните избори ќе бидат недостапни како, според нив, локалните шерифи, за кои велат дека сега се недостапни за нивните проблеми. Бараат и промена на статутот, со што ќе им се дозволи сами да ги бираат претседателите на општинските одбори. Со сегашниот статут, таа обврска ја има претседателот на партијата, а така и ќе остане. Заев вели дека нема потреба од измени затоа што и сега, неговите одлуки може да се корегираат.
Заев очекува да се ажурираат најмалку 60 илјади членови. Николовски, пак, вчера објави дека бројката за еден месец ажурирање надминала 40 илјади.Ажурирањето го вршат 1.563 тимови, кои се активни на терен низ 74 општински организации низ целата држава. Ажурирањето се одвива со посета на членовите дома или во партиските штабови и ќе трае до 21 март, кога на директни внатре-партиски избори, секој член на СДСМ ќе може да гласа за избор на претседател на партијата. Претседателот и раководството потоа ќе одлучуваат кого да кандидираат на локалните избори есенва. Заев денеска изјави дека лично ќе застане зад актуелните градоначалници на Валандово, Богданци, Дојран, Конче, Кочани, Штип, Старо Нагоричани, Крушево, Маврово Ростуше и Демир Капија, затоа што е задоволен од нивната работа. На останатите им порача да си ги завршат своите програми, а селекцијата ќе почне во мај-јуни годинава.
Далиборка Демјанска Цветановска
