Сите што сакаат да примат вакцина ќе можат да се пријават на веб страната vakcinacija.mk или kovid19vakcinacija.mk, соопшти во гостувањето на Топ Тема Жаклина Чагаровска. Веб страната се уште не е активна иако министерот за здравство Венко Филипче претходно изјави дека очекува таа да биде во функција веќе од утре.
Предност во пријавувањето ќе имаат групите за кои е задолжителна вакцинацијата, лицата постари од 70 години и лицата со коморбитети, каде се утврдени 350 групи на дијагнози, потоа лицата над 60 години и понатаму продолжува спуштањето на старосната граница.
Граѓаните откако ќе ја пополнат анкетата, за регистрирање на пријавувањето ќе бидат известени преку електронска пошта или ќе добијат код на телефон како потврда, и соодветно на групата која спаѓаат за терминот и местото на примање на вакцината ќе бидат известени од матичниот лекар.