Инспектори од државниот санитарен и здравствен инспекторат од денеска се во Клиничката болница во Битола и вршат увид за случајот со двајцата гинеколози кои се суспендирани од работните места. Министерот за здравство Венко Филипче рече дека одлука ќе се донесе откако ќе биде готов извештајот од инспекцискиот надзор.
Полицијата вчера за двајцата гинеколози поднесе и кривични пријави за злоупотреба на службата затоа што дозволиле невработено лице, инаку сопруга на еден од нив, која е од Србија и исто така лекар гинеколог, но без лиценца и во фаза на нострификација на дипломата, да влезе во операционата сала на Гинекологија, и според кривичната пријава да изведува царски рез врз родилка.
Извори од болницата пак велат дека таа била присутна во салата, но не учествувала во интервенцијата. Полицијата ја товари за кривично дело „надрилекарство“, а пак нејзиниот сопруг 33 годишниот гинеколог и за фалсификување службени документи, затоа што според кривичната пријава во дневникот запишал дека интервенцијата ја извршиле заедно со колегата со кој биле дежурни тој ден.
Настанот се случил на 1 јануари, кога во болницата се родија 8 бебиња, а пријава до директорката Билјана Гагчовска пристигнала на 15 јануари. Веднаш била отпочната постапка, а двајцата лекари биле суспендирани. Сега се очекува одлука и на Дисциплинската комисија.
Двајцата гинеколози не сакаат да зборуваат јавно додека не заврши дисциплинската постапка.
Емилија Мисирлиевска