Семејството на штипскиот Питагора и чудо од дете случајот ќе го тера до крај со одбивањето на паричната награда од Комисијата на Министерството за образование и наука оти бил седмооделенец, а ја освои првата награда во категорија за средношколци во прва година. Никица Давкова, мајка на Дамјан вели дека по добиеното решение од министерството ќе ја искористат правната поука и ќе поднесат тужба до Управниот суд. Давкова за Телма вели дека денешниов статус објавен на социјалните мрежи и е последен за случајот на Дамјан. Како и пред неколку дена се заблагодарува на сите граѓани во земјава и странство, стопанственици, компании, болници, банки, музичари кои се понудија да ја исплатат наградата и повеќе од неа.
Принципелно ги одбивме вашите понуди од причина што не станува збор за материјална корист, туку за подигнување на свеста за третманот на талентираните деца во Македонија. Се надевам дека ова ќе придонесе за донесување законски решенија за поддршка и помош на потребите на овие деца. Благодарност до сите што дадоа поддршка, вели Никица Давкова мајка на Дамјан.
Минатата недела случајот на Дамјан предвизика бура од коментари на социјалните мрежи, граѓаните побараа реформи и поголема поддршка за македонските генијалци и таленти. Осмоодделенецот Дамјан освен што е математички гениј за што потврдуваат и стоте освени поени на државниот натпревар, тој е и талентиран и за информатика и странски јазици.
Викторија Димитрова Јованова