Членовите на групата „Јавна соба“ на платформата „Телеграм“ не се засегнати од истрагата на МВР и Јавното обвинителство и продолжуваат да споделуваат лични фотографии на малолетнички девојки и жени, да ги објавуваат нивните телефонски броеви и да пишуваат понижувачки коментари. Во групата сега има и членови од Србија кои исто така објавуваат материјали од тамошни жртви.
„Телеграм“ сеуште ја нема затворено оваа група иако минатата недела МВР го побара тоа од нив.
Јавноста чека на нови приведувања и кривични пријави, а од МВР информираат дека се обидуваат да соберат што е можно повеќе докази пред да продолжат приведувањата.
Државниот јавен обвинител Љубомир Јовески, во интервју за „Дојче веле“ исто како и МВР се пожали на отсуство на соработка од „Телеграм“ и најави дека сеуште ќе се чека на исходот од предистрагата отворена минатата година а поврзана со тогашниот случај „Јавна соба“.
„Јавна соба” е профил отворен на платформата „Телеграм“, со седиште во странска држава. Немаме законска можност да наредиме за гонење на сторителите да ни ги дадат доказите. Според тоа, во вакви случаи преземањето на определени дејствија бара подолг временски период, но и подготвеност за соработка на странските правосудни органи“
Јовески ги поддржа измените на Кривичниот законик кој треба да се дополни со две нови кривични дела, „ демнење“ и „сексуално вознемирување“ кои веќе ги подготви Министерството за правда.
Утре во Скопје ќе се одржи граѓански протест за поддршка на жртвите во оваа група а организаторите бараат од Јавното обвинителство и МВР брзо и темелно да го реши овој случај, да ги идентификува администраторите и членовите кои постирале слики и видео записи и најстрого да ги казни.
Пред една година за прв пат јавноста слушна за групата „Јавна соба“. Тогаш креаторот и администраторите беа идентификувани од МВР на чие барање „Телеграм“ ја затвори групата.
Огнен Чанчаревиќ
