Приватните стоматолози бараат директна финансиска помош од државата. Не можат да ги исплатата ни минималните бруто плати за вработените. Посочуваат дека поради рестриктивните мерки и посебните протоколи кои им се наложени, преполовената работа со пациенти, но и трошоците за заштитна опрема претрпеле огромни финансиски загуби и се доведени на раб на егзистенција. Направиле пресметка дека речиси две третини од стоматолошките тимови не можат да ги подмират трошоците и платите за стоматологот и асистентот.
Во соопштението испратено до медиумите пишуваат дека не сакаат да се заборавени од Владата без мерки за финансиска помош од ковид кризата, како што тоа беше пример со четвртиот сет на мерки. Ослободување од фискални трошоци очекуваат да се овозможи додека трае кризната состојба. Овие барања, како што посочуваат од Здружението, ги испратиле до Владата, до вицепремиерот задолжен за економски прашања, до Министерство за здравство за тоа што во тек е изготвувањето на петтиот пакет мерки за помош поради ковид кризата.