„Убијци, убијци“ – Преку глава им дојде на жителите и на граѓанските активисти од Кочани, кои по четврти, но и последен пат протестираат пред фабриката за хартија, која им го загадува воздухот. Пред фабричката капија и кордонот полицајци порачаа дека почнуваат со порадикални мерки против нивниот загадувач. Два часа ја блокираа улицата, која води до фабричкиот оџак, од којшто секојдневно гледаат како излегува чадот. Бараат и судска разрешница.
Тврдат дека и покрај казната од 20.000 евра, што ја заработи „Пејпер Мил“ од државниот инспекторат за екологија си продолжува по старо, а последните две мерења покажуваат загадување на воздухот над дозволените параметри.
Фабриката има рок да вгради нов филтер, бидејќи промената на технологијата на прочистување на воздухот не дала резултат. Граѓаните се скептици и не веруваат дека загадувањето на Кочани и кочанско поле ќе запре.
Фабриката за хартија „Пејпер Мил“ не испочитувала и уште една обврска од А интегрираната дозвола, освен воздухот, загадува и вода и почва. До лани требала да изгради пречистителна станица за отпадни води. Жителите и граѓанските активисти посочија и уште неколку помали загадувачи и им порачаа да не се кријат зад големиот. Побараа вработените во „Пејпер Мил“ да си дадат откази и да престане загадувањето и животот во магла.
Викторија Јованова