Заврши пријавувањето за државна матура. Иако министерката за образование Мила Царовска на отчетот за 100 дена Влада вети дека „испитите ќе се одржат по скратени и поедноставени наставни програми и прашања“, според дописот од Бирото за образование до МОН прашања по скратени предмети ќе има само за четири предмети: Македонски јазик, Хемија, Физика и Географија. За останатите предмети Бирото поценило дека нема потреба од кратење на програмите туку препорачува „членовите на комисиите за подготвување за испитите да се насочат да изготват прашања од пониско ниво и истите да не се состојат од барање на фактографски детали“.
Од МОН не одговорија директо на прашањето на Телма, зошто министерката Царовска не опстои на ветувањето за скратени програми по сите предмети, ниту што значат насоките за најголем дел од предметите да се подготвуваат „прашања од пониско ниво и истите да не се состојат од барање на фактографски детали“.