Министерството за здравство го доби извештајот од Лекарската комора, во него не се нотира ништо ново што не го знае македонската јавност за случајот со 41 годишната беровчанка Руменка Довичинска, која пред еден месец почина на штипското Инфективно одделение.
Нејзината ќерка Михаела на социјалните мрежи објави дека од мобилниот телефон на нејзината мајка неколку пати е вртено до здравствениот персонал, но никој не ја кренал слушалката.
Таа барала кислород и помош. Во извештајот стои дека по извршениот стручен надзор Комисијата на Лекарската комора едногласно констатирала дека во конкретниот случај во врска со лекувањето и третманот на пациентката, терапијата која е давана соодветствува со протоколите за лекување на Ковид 19. Редовно мерена била и сатурацијата и запишувана еднаш дневно.
Пациентката Р.Д. била во лоша здравствена состојба со ниска и променлива сатурација во текот на лекувањето со докажано воспаление на бели дробови и Комисијата смета дека кислородната поддршка не била од примарно значење за исходот, се вели во извештајот од стручниот надзор на Комисијата на Лекарската комора.
Комисијата предлага да сe направат и одредени технички и организациони промени во работата во ЈЗУ КБ Штип. Во извештајот стои дека не се нотира време на менување на кислородни боци и период кога се алармира за промена на боците од другиот медицински персонал.
-Утврдено е дека на одделението постои телефон во работната соба чиј број е истакнат во секоја болничка соба, но поради тоа што медицинскиот персонал е во полна ЛЗО(лична заштитна опрема) и не се во можност да одговараат на сите повици, од Комисија е сугерирано дека е потребно да се воспостави подобра телефонска комуникација, се вели во извештај од Комисијата за Лекарската комора.
Раководството на штипската Клиничка болница тоа и веќе го стори, неколку дена по случајот со Довичинска, во функција стави два нови мобилни телефони, а се анагажираа и медицински сестри од други одделенија, со што тимовите се зголемија.
Од Министерството за здравство велат дека се разгледува извештајот и препораките наведени во него, по што ќе информираат за следните чекори.
Викторија Јованова
