Како матица на историското образование и наука во македонската држава од нејзиното основање до денес, чии кадри претставуваат потпора и темел на сите нивоа и сегменти на македонското образование, исполнувајќи ја својата општествена должност и совест,
Институтот за историја соопштува:
- Таканаречениот „Концепт“ што го нуди МОН е донесен на целосно нетранспарентен начин, без консултација ниту со Институтот или други високошколски установи, ниту со научната и професионалната јавност. Институтот цени дека е скандалозно да се влечат вакви сериозни потези без воопшто и да се информира – а не пак да се побара совет од струката, од која утреден ќе се бара планираното да го спроведе во дело, во училишните клупи.
- Идејните творци на концептот не само што немаат компетенции да го реформираат начинот на кој една научна дисциплина се доближува до учениците, туку покажуваат и елементарно непознавање на материјата која мислат дека ја реформираат. Вакви дилетантски потези, како и сите досегашни, се однапред осудени на пропаст.
- Т.н. „Концепт“ предвидува интегрирање на историјата со науки од сосем различен вид во миг кога македонската историја, македонскиот јазик, и македонскиот идентитет воопшто, се безмилосно нападнати и неосновано оспорени однадвор. Во еден ваков несреќен момент, секое продолжување на замислената интеграција може да се протолкува како внатрешно институционално содејство со надворешни желби и притисоци.
Со оглед на искажаново, Институтот за историја при Филозофскиот факултет во Скопје решително го отфрла понудениот концепт и бара од надлежното министерство и Владата да го повлечат и да ги прекинат сите активности во врска со предметот Историја.