Архитектите најавуваат реставрација на поштенската шалтер сала во централата на Македонски пошти откако речиси 8 години по катастрофалниот пожар, овој значаен архитектонски објект зјае уништен, празен и нереновиран.
За заживување на зградата и за утврдување на објектот како архитектонско наследство во центарот на Скопје, денеска зградата ја посетија директорот на Пошта Јани Макрадули и раководството на Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ). Од пожарот во јануари 2013-та изминаа речиси 8 години, а досега немаше ниту една акција за спас на значајниот објект.
По децениско владеење на ДУИ со Пошти, сега на раководна позиција е кадар на друга партија, односно СДСМ. За зградата е побарано да биде прогласена за споменик меѓу најзагрозените во Европа. Поштенската централа влезе на кратката листа на 12-те најзагрозени споменици во Европа во рамки на програмата 7-те најзагрозени за 2021 год, проект организиран од Европа Ностра и од Институт на Европска Инвестициска Банка.
Во меѓувреме владата поради загубите реши да ја продава АД Пошти, за што се подготвува физибилити студија, а има пројавен интерес на повеќе поштенски компании од Европа.
По денешната посета Асоцијацијата на архитекти најави акција за спасување на кредибилитетот и важноста на централната пошта и шалтерската сала и беа објавени фотографии од напуштената и уништена сала.
Соопштението на ААМ гласи:
Како резултат на повикот на Управата на АД “Пошта на С.Македонија“ за вклучување на стручната јавност во општествена акција за обновување и повторно заживување на зградата на Централна пошта во Скопје и прифатената иницијатива од страна на Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ), денес беше реализирана средба помеѓу г-дин Јани Макрадули, Директор на А.Д. “Пошта на С.Македонија“ од една и арх. Мишко Ралев, Претседател на ААМ и арх. Александар Радевски, Потпретседател на ААМ од друга страна. Во атмосфера на обиколка на оштетената Шалтер Сала, беше договорено воспоставување долгорочна стручна соработка помеѓу ААМ и АД “Пошта на С.Македонија“, во процесите на дефинирање на статусот и третманот на Шалтер Салата во рамки на зградата на Централната Пошта во Скопје.
Асоцијацијата на Архитекти на Македонија, која според Статутот, може и има право на „Учество во стручни и јавни расправи, давање експертизи и рецензии за проекти од областа на архитектурата, урбанизмот, просторното планирање, културата и културното наследство“, стои зад иницијативата на А.Д. “Пошта на С.Македонија“ во правец и со идеа трајно да се реши статусот на Шалтер Салата во рамки на зградата Централната Пошта во Скопје. За ААМ, овој објект има огромно архитектонско, историско и урбано значење за Градот Скопје и државата. Од таа гледна точка, Асоцијацијата ќе ги стави на располагање своите човечки и стручни ресурси за поддршка на сите идни чекори со кои Шалтер Салата ќе добие соодветен законски статус, ќе биде уреден начинот и можностите за нејзино управување и одржување во техничка, архитектонска и уметничка смисла, како и ќе бидат уредени механизмите за контрола во управувањето со овој објект.
“Земајќи предвид дека нашата држава поседува ограничен градежен фонд, а уште помал е бојот на објекти третирани како архитектонско наследство – дел од целокупното културно наследство кај нас, потребата од изнаоѓање долгорочно решение за статусот на Шалтер Салата во зградата на Централната Пошта во Скопје е неопходна. Токму затоа, ААМ се одгласи на повикот на А.Д. “Пошта на С.Македонија“ и е подготвена да даде придонес во својот домен на работа кон посветеноста на Менаџментот на А.Д. “Пошта на С.Македонија“ кон третманот на Шалтер Салата.“ – изјави арх. Мишко Ралев, Претседател на Асоцијацијата на Архитекти на Македонија.
“Во лично име и во име на А.Д. “Пошта на С. Македонија“, би сакал да се заблагодарам за поддршката од Асоцијацијата на Архитекти на Македонија кон нашиот повик за вклучување на стручната јавност за третман на Шалтер Салата во рамки на зградата на Централната Пошта во Скопје. Од голема помош ќе ни биде стручноста и знаењето кое ќе го црпиме од ААМ, во правец на дефинирање и изготвување соодветен статус на овој култен скопски објект.“ – изјави г-дин Јани Макрадули, Директор на А.Д. “Пошта на С.Македонија“.
Свесни за вредноста на овој објект, неговата улога, функција и монументална вредност од минатото, денес и во иднината, искрено веруваме дека преку посветена работа, АД “Пошта на С.Македонија“ поддржана од целокупната заинтересирана стручна јавност, вклучително и ААМ, ќе успее да ја врати Шалтер Салата во полн сјај.