По 10 години и 29 измени отпочнува најновиот обид со нов закон да се стави крај на урбаниот хаос. По 10 години скандали во градежништвото, министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, очекува наредната година да биде готов новиот Закон за градење со кој точно ќе се разграничи, кој ќе издава дозволи за градење, кој ќе врши инспекција и какви објекти ќе се смеат да се градат на одредени локации.
Ќе се уредува категоризацијата на градбите и таа треба да биде според нивната комплексност, најави денеска министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.
Постојаните препукувања во медиумите кој издал дозвола ,а кој треба да изврши инспекција ќе станат минато, бидејчи Бочварски очекува да се формира единствен инспекторат под капа на министерството за транспорт и врски.
Очекувањата на градежниците се дека еднаш за секогаш сите постапки ќе се обединат во еден закон кој ќе биде лесно применлив, во кој повеќе нема да лутаат правниците и фирмите, а објектите ќе се планираат и градат поефикасно.
Сепак, останува простор за дебата во која се очекува надлежното министерство да ги земе предвид укажувањата на граѓанските активисти и невладините здруженија, но и на експертите кои реагираат дека токму со законот за градење се дозволи градежната мафија да предизвика урбан хаос, градејќи неплански со претходен амин на општинските власти.
Но, токму оваа спрега требаше да ја разбие Законот за урбанистичко планирање, кој стапи на сила летоска, а во себе ги содржи и одредбите за соодносот зеленило-бетон при планирањето на градбите.
Павле Беловски