Со помпа го испратија младиот Леонид Индов на лекување во Виена, за сега неговото семејство да собира донации за да ги плати сметките во странство. Пофалбите одлетаа со медицинскиот хеликоптер, а здравствените власти го навлекоа гневот на граѓаните откако во јавноста се дозна дека ФЗО не одобрило 140 илјади евра за Леонид кој лани се повреди на одмор во Грција и не може да ги движи екстремитетите.
Откако ФЗО преку соопштение се правдаше зошто го одбило барањето, со истото образложение излезе и заменик министерката за здравство Маја Манолева, која вели дека институцијата работи врз основа на правилници во кои не постои основ за одобрување на лекување во странство за рехабилитација.
„Втората работа која што би сакала да ја напоменат, а која што никој овие денови не ја споменува е дека Универзитетската клиника за физикална медицина и рехабилитација, од која што јас дојдов на позицијата заменик министер во последниве 4 или 5 месеци веќе работи со најнова, најсовремена апаратура за роботска рехабилитација која што им овозможува на тешките неподвижни пациенти да го вратат процесот на одење. За еден пациент да биде вклучен во процес на роботска рехабилитација треба да исполнува одредени критериуми кои ги дава стручниот колегиум на клиниката. Она што го знам неофицијално е дека од клиниката не е побарано стручно мислење за конзилијарно лекување во странство“, изјави Манолева.
Од ФЗО претходно соопштија дека одлуката е донесена согласно Законот за здравственото осигурување и одредбите од Правилникот за начинот на користење на болничкото лекување на осигурените лица во странство.
„По однос на донесената Одлука од страна на Првостепената комисија на ФЗОРСМ, важно е да се напомене дека истата постапи по документацијата што беше доставена со барањето, како и по документацијата што дополнително ја обезбеди по службена должност. Имено, Одлуката е донесена како резултат на фактот што самиот Предлог за упатување во странство воопшто не содржи конкретна насока за вид на интервенција која е потребно да се изведе при лекувањето во странство, туку истиот содржи само општи процедури за рехабилитација“, соопштија од ФЗО.
На социјалните мрежи се појави и документ со имињата на членовите на комисијата на ФЗО кои го одбиле Леонид. Татко на Леонид, Бранко Индов изјави за медиумите дека од ФЗО не кажале во кои установи во земјава би можело да продолжи лекувањето на неговиот син.
Заменик-народниот правобранител Јован Андоновски на Фејсбук праша дали ФЗО манипулира со случајот на Леонид?
„Во мислењето на лекарскиот конзилиум е наведено: да се овозможи болничко лекување (не рехабилитација), лицето се упатува на лекување во странство. Во нашата установа, поради недостаток на искуство за третман на оваа состојба и недостаток на технички можности ова лекување не може да се овозможи. Како тоа ФЗО тврди дека лекувањето може да се спроведе во државата? Во која установа? Одговорите на овие прашања ФЗО ги должи не само на Леонид и неговото семејство, туку и на целокупната јавност, изјави Јован Андоновски, заменик народен правобранител.
Преку социјалните мрежи се споделуваат повици за хуманост и се собираат донации за помош на Леонид.
Марија Митевска













